Националниот портал за е-услуги (во понатамошниот текст: Порталот) е електронска платформа, достапна на https://uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните на РСМ им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи и други субјекти кои даваат е-услуги преку Порталот.
Порталот е воспоставен и управуван од Министерството за дигитална трансформација (во понатамошниот текст: МДТ), кое е одговорно за достапноста и техничкото функционирање на Порталот, како и системите со кои е поврзан, а кои се опишани во делот 2.
За содржината на информациите за одредена услуга, како и за давањето на самите е-услуги, одговорен е исклучиво надлежниот орган или друг субјект – давател на услугата (во понатамошниот текст: Надлежен орган).
1. Структура на Порталот
Порталот се состои од јавен дел и приватен дел.
1.1. Јавен дел
Јавниот дел е достапен за сите посетители, без потреба од каква било најава или идентификација.
Во јавниот дел се објавени податоци за услугите кои ги даваат надлежните органи и другите субјекти – даватели на услуги. За секоја од услугите се достапни следните податоци: основни информации, надлежни органи, обрасци, поднесоци, услови, докази, рокови, информации за плаќање, законска регулатива и други.
Услугите можат да се пребаруваат и најдат по неколку критериуми:
- животен настан,
- категорија и поткатегорија,
- азбучник,
- надлежен орган; но и
- со алатката за пребарување.
На јавниот дел се достапни и податоци за надлежните органи, вклучувајќи ја и нивната локација.
1.2. Приватен дел
Приватниот дел е достапен само за регистрирани и идентификувани на корисници. Овој дел се користи за:
- поднесување на барање во електронска форма за добивање на одредена е-услуга;
- поднесување на докази, според пропишани критериуми;
- плаќање на надоместок и административна такса за е-услугата;
- следење на статусот на постапката согласно максималниот дозволениот степен на увид обезбеден од Надлежниот орган;
- добивање на одговор на барањето; и
- добивање на e-услугата.
2. Поврзаност со други системи
2.1. Систем за единствена најава (СЕН)
Регистрацијата и најавата на Порталот се одвива преку Систем за единствена најава (СЕН), достапен https://eid.mk. Во моментот, преку СЕН можат да се регистрираат само физички лица. Детали за процесот на регистрација на СЕН можете да добиете тука.
За најава на Порталот, корисникот автоматски се препраќа на СЕН, каде што се идентификува со своето корисничко име и лозинка или дигитален сертификат за електронски потпис. По успешната автентикација, СЕН испраќа автентикациски токен до Порталот, со што се овозможува пристап до приватниот дел на Порталот.
СЕН во иднина ќе се интегрира со и ќе служи за најава и на системите од други институции, со што корисникот ќе ги користи истите податоци за најава. СЕН ги поддржува протоколите Open ID 2.0, SAML 2.0, WS Federation, OAuth 2.0.
2.2. Централен регистар на население (ЦРН)
Централниот регистар на население (ЦРН) е управуван од МДТ и претставува централна електронска база во која се содржани основни податоци за граѓаните.
Во процесот на регистрација се врши проверка на физичкиот идентитет на корисникот со документ за лична идентификација, се бара потврда на е-маил адресата и се врши проверка дека внесените податоци постојат во ЦРН. По успешното завршување на овие проверки, во ЦРН се генерира и запишува Единствен Електронски Број на Граѓанинот (ЕЕБГ), составен од десет цифри. ЕЕБГ претставува врска помеѓу СЕН, физичкиот идентитет на корисникот и податоците достапни за него во ЦРН.
При регистрација и најава на Порталот, како и при поднесување на барање за е-услуга, СЕН преку ЕЕБГ комуницира со ЦРН заради проверка и преземање на ажурираните лични податоци за корисникот.
2.3. Каталог на услуги
Каталогот на услуги е електронска база во која на структуриран начин се внесуваат и управуваат податоците за сите јавни услуги, како: основни податоци, рокови, плаќања, надлежни органи, законски основи, правни лекови, припадност на категорија и животен настан и друго.
Најголем дел од податоците содржани во Каталогот на услуги се објавуваат на јавниот дел на Порталот. На објавувањето на податоците му претходат внесување, верификување и одобрување. Во овој процес учествуваат надлежните органи и МДТ.
2.4. Плаќање за е-услуги
За добивање на некои е-услуги е пропишано плаќање на административна такса и/или надоместок. Плаќање за овие е-услуги е овозможено со платежни картички, на безбеден начин преку деловна банка во РСМ.
3. За кого е наменет Порталот?
Јавниот дел на порталот има содржини кои се наменети за граѓаните и за компаниите, како и за останатите организации. Во рамки на содржините објавени на Порталот, објавени се податоци кои се однесуваат на услуги на централно и на услуги на локално ниво. Објавените услуги се однесуваат и на државјани на РСМ и на странски државјани.
Во овој момент, приватниот дел овозможува е-услуги за физички лица - државјани на РСМ.
4. Правна рамка
Правната основа за функционирање на Порталот ја дава Законот за електронско управување и електронски услуги (98/2019), каде што е дефинирана електронската размена на податоци и начинот на кои таа треба да се спроведува, давањето на е-услуги, работењето на посредниците и друго.
Други важни закони за работењето на Порталот се Законот за централен регистер на население (98/2019) и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (101/2019).