Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на Германско–Македонскиот бизнис самит 2026, организиран од Германската стопанска комора — AHK Nordmazedonien и Македонско-германското стопанско здружение.
Во своето обраќање, Андоновски истакна дека соработката во економската сфера значи потврда на стратешкото партнерство на двете држави, и додаде дека дигитализацијата на јавниот сектор не е само техничка тема, туку економска мерка која директно влијае врз конкурентноста, инвестициите, продуктивноста и довербата во институциите.
„Дигитализацијата не треба да ја гледаме како цел сама по себе. Таа е алатка за подобра држава и поконкурентна економија,“ порача министерот Андоновски.
Тој нагласи дека целта на Министерството за дигитална трансформација е државата да стане побрза, подостапна и посигурна, а јавните услуги да не го забавуваат бизнисот, туку да го поддржуваат неговиот развој.
Во фокусот на обраќањето беа три клучни столба: Националниот портал за услуги, интероперабилноста и сајбер безбедноста.
Говорејќи за Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, министерот истакна дека тој претставува една од клучните точки преку кои дигитализацијата станува директно видлива и достапна за граѓаните и компаниите. Во изминатите две години, дигитализирани се околу 200 нови електронски услуги, отворени се 13 нови Центри за услуги ширум државата, а обезбедена е и законска валидност на електронските документи издадени преку Националниот портал, еднаква со хартиените документи.
„Кога зборуваме за Националниот портал за услуги, не зборуваме само за веб-страница. Зборуваме за деловна инфраструктура и за нов начин на комуникација меѓу државата, граѓаните и економијата,“ истакна Андоновски.
Министерот се осврна и на интероперабилноста, која овозможува институциите и корисниците на платформата да разменуваат податоци безбедно, стандардизирано и законито. Тој нагласи дека целта е „податоците да се движат, а не луѓето“, со што се намалуваат административните трошоци и се забрзуваат процедурите за компаниите.
Говорејќи за сајбер безбедноста, Андоновски порача дека таа е предуслов за доверба во дигиталните услуги, заштита на податоците и отпорност на економијата.
„Дигитализацијата и сајбер безбедноста мора да одат заедно. Дигиталните услуги немаат вредност ако граѓаните и компаниите не веруваат дека системите се сигурни,“ нагласи министерот.
На крајот, Андоновски истакна дека германско-македонската економска соработка е пример за важноста на довербата, стандардите и долгорочната визија, додавајќи дека бизнис-заедницата е клучен партнер во следната фаза на дигиталната трансформација.
Во рамки на настанот Министерот беше дел и од панел дискусија на која се зборуваше за идните планови и цели кои сака да ги постигне С.Македонија во делот на дигиталната трансформација.