С.Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.
Со резултат од 84,17 поени од можни 100, државата се вбројува меѓу земјите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и за управување со сајбер-инциденти. Напредокот е забележан и во меѓународните медиуми, кои ја издвојуваат С.Македонија меѓу земјите што во последниот период оствариле забележително подобрување во националните капацитети за сајбер-безбедност.
Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“ (e-Governance Academy – eGA). Индексот ја оценува подготвеноста на државите преку 49 индикатори распоредени во 12 области, опфаќајќи ги стратешките, превентивните и капацитетите за одговор на сајбер-закани. Оценувањето се заснова на јавно достапни закони, официјални документи, институционални механизми и докази за практично спроведени мерки.
Според најновите податоци, С.Македонија има максимални оценки во повеќе клучни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти. Овој резултат не е крајна цел, туку обврска да продолжиме уште поинтензивно да ја градиме сајбер-отпорноста на државата“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Напредокот е резултат на координираната работа на институциите и на повеќе преземени системски чекори, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнувањето на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.
Новата законска рамка ги утврдува надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, воведува обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување инциденти и ја зајакнува заштитата на суштинските и важните субјекти.
Министерството ќе продолжи со спроведување на Стратегијата и Акцискиот план, јакнење на националните капацитети за превенција и одговор, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.
Безбедна дигитална држава значи сигурни јавни услуги, заштитени податоци, отпорна критична инфраструктура и поголема доверба на граѓаните во процесот на дигитална трансформација.