„Дигитализацијата не е избор – таа го дефинира новото фер и праведно општество“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на министерскиот панел „Shaping Prosperity – Political Leadership and Strategic Choices for Digital Economic Growth“, кој се одржува во рамки на е-гов конференцијата во Талин, Естонија.
Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека дигиталната трансформација е суштински предуслов за градење фер, безбедно и модерно општество.
"Дигитализацијата не е изборна техничка модернизација. Таа е основа за економски раст и заштита на правата на секој граѓанин – од мајката во Скопје што не мора да чека во ред за да добие извод од матична книга на родени, до претприемачот во Кавадарци кој добива потврда за енергетска дејност без да плати мито,“ порача министерот.
Тој подвлече дека Македонија веќе ги реализира клучните приоритети:
- Редизајниран национален портал за е-услуги со повеќе од 250 онлајн услуги достапни за сите граѓани;
- План за примарен дата-центар и хибридна консолидација на ИТ-ресурсите за посигурно и поефикасно управување;
- Нов Закон за сајбер безбедност и национална стратегија за сајбер безбедност, усогласени со европската NIS2 директива; четири закони за дигитализација во рамки на Реформската агенда - Партнерство со приватниот сектор за креирање инклузивен и сигурен дигитален екосистем.
Министерот нагласи дека политичкото лидерство е клучно за претворање на дигиталниот потенцијал во реален раст и просперитет.
„Дигитализацијата мора да ја мери својата успешност според тоа колку навистина служи на сите – не само на најповрзаните, туку на секој граѓанин кој заслужува достапност и доверба во системите.“
Со тоа, министерот Андоновски ја потенцираше потребата од регионално и меѓународно партнерство, заедничко учење и споделување добри практики.
Е-Гов конференцијата 2025, која се одржува на 28 и 29 мај во Талин, Естонија, е една од водечките светски собири за дигитална трансформација. Оваа година, конференцијата ќе собере над 600 лидери за дигитален развој, креатори на политики и донатори од повеќе од 80 земји . Организирана од страна на е-Гов академијата (eGA), во соработка со Министерството за надворешни работи на Естонија и ESTDEV, конференцијата служи како платформа за размена на искуства и добри практики во областа на дигиталното управување.
Министерот Андоновски, најави и одржување на Дигитален самит во Македонија во октомври 2025 година. Самитот ќе биде организиран од Министерството за дигитална трансформација со поддршка од партнерски организации и општествено одговорни компании. Дигиталниот самит ќе биде значаен чекор во развојот на дигиталната трансформација во Македонија и регионот, со акцент на поставување нови стандарди и поттикнување на иновации.