Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на првата сесија на Петтиот интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа во Парламентарното собрание на ОБСЕ, кој се одржува во Охрид.
Во своето обраќање, министерот Андоновски нагласи дека сајбер-безбедноста претставува стратешки приоритет од највисок државен и регионален интерес. Тој истакна дека современите сајбер-закани се сè пософистицирани и поинтензивни, што наметнува потреба од координиран и системски пристап во справувањето со нив, заснован на партнерство, доверба и размена на информации помеѓу земјите во регионот.
Министерот посочи дека Македонија активно работи на унапредување на своите институционални капацитети, усогласување со европските стандарди и зајакнување на дигиталната отпорност. Со тоа се обезбедува сигурен и стабилен дигитален екосистем за граѓаните, компаниите и јавните институции, како и ефективна заштита на критичната инфраструктура од сајбер закани.
Дополнително, министерот истакна важноста на континуирана регионална соработка и размена на искуства меѓу институциите од Југоисточна Европа, со цел зајакнување на одговорот на сајбер-напади и намалување на нивните последици врз економијата и демократските процеси.
Настапот на министерот Андоновски беше дел од дискусиите на тема „Сајбер-напади во Југоисточна Европа и штетите предизвикани во последните години“, на која се разгледуваа начини за превенција од сајбер напади, заштита на институциите и зајакнување на регионалната соработка. Форумот претставува платформа за дијалог меѓу носителите на одлуки, експертите и парламентарците, насочена кон унапредување на политиките за сајбер-безбедност и зголемување на дигиталната отпорност во целиот регион.