На 29 и 30 октомври 2025 година, во Рига, Латвија, се одржа годишната конференција CyberChess, еден од водечките настани за сајбер безбедност во балтичкиот регион. На конференцијата учествуваа Државниот секретар, Гордана Клинчарова и Тања Милановска, од кабинетот на министерот во Министерството за дигитална трансформација, со цел размена на знаења, искуства и воспоставување нови партнерства во областа на сајбер безбедноста.
Повеќе од една деценија, CyberChess претставува клучна платформа која ги обединува експертите од јавниот и приватниот сектор – професионалци за сајбер безбедност, креатори на политики, даватели на интернет и телекомуникациски услуги, индустриски лидери и истражувачи. Настанот е посветен на споделување на најновите трендови, предизвици и иновации во доменот на дигиталната и информациска безбедност.
Оваа година конференцијата собра повеќе од 50 говорници од речиси 20 земји, кои ги споделија своите истражувања и практични искуства во следните области:
- Безбедност на оперативна технологија (OT)
- Финансиска безбедност и спречување на измами
- Откривање на ранливости и навремено отстранување
- Вештачка интелигенција во сајбер безбедноста: Ризици и зависности
- Обучување на стручни лица за Сајбер безбедност, како важен приоритет за секоја држава
Учeството на Министерството за дигитална трансформација претставуваше значајна можност за превземање на искуства, како и оставарување на контакти за идна соработка при формирање на СЕRT-от во рамки на МДТ.
За време на престојот во Рига, претставниците на Министерството ја посетија и канцеларијата на BEREC (Body of European Regulators for Electronic Communications). На средбата со д-р Венира Вебер, директор на канцеларијата на BEREC, и д-р Панос Караминас, како и со тројца македонски професионалци кои во моментов работат во оваа институција, беа разменети информации и идеи за понатамошна соработка во областа на електронските комуникации и регулаторната хармонизација.
Министерството изразува благодарност до e-Governance Academy (eGA), која овозможи учество на нашите претставници на овој престижен настан.