Андоновски: „Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите“ – промоција на е-Киоск терминалите и е-Сандаче

Андоновски: „Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите“ – промоција на е-Киоск терминалите и е-Сандаче

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ Стратегија СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.

„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема,“ истакна министерот Андоновски.

 

Во фокусот на обраќањето беа два клучни проекти:

 

1.Терминали за услуги (е-Киоск)

2. е-Сандаче – официјален дигитален канал со државата

 

Денеска беа промовирани Терминалите за услуги (е-Киоск), како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации низ државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, прилагодени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.

Преку е-Киоск, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за рурални средини, повозрасни лица, граѓани без постојан интернет-пристап и општини со ограничени административни капацитети.

Во однос на е-Сандаче, министерот истакна дека тоа претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.

Андоновски потенцираше дека е-Сандачето не е обична електронска пошта: Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење на статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.

Во завршниот дел, министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, Документ-менаџмент системот во голем број институции, интероперабилноста, како и со Терминалите за услуги и е-Сандачето, државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација – со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

 

Мени за пристапност