Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во денешната изјава за медиумите истакна дека повеќе од 40 институции го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), како дел од процесот на дигитализација на институциите и општините и унапредување на квалитетот на јавните услуги за граѓаните.
„Поврзувањето на институциите и општините значи побрзи, поедноставни и подостапни услуги за граѓаните. Тоа е суштинска реформа во начинот на кој функционира државата“, нагласи Андоновски.
Според податоците што ги објави министерот, за само четири месеци двојно е зголемен бројот на институции што користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Истовремено, преку државната платформа за интероперабилност, во ноември се реализирани 2,6 милиони трансакции, што, како што посочи, претставува значително зголемување во однос на просекот во 2024 година.
Министерот информираше и дека за 20% е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно влијае на намалување на административните бариери и потребата граѓаните да доставуваат документи „од шалтер на шалтер“.
„Овие бројки значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја гледаме како ИТ-проект, туку како реформа насочена кон граѓаните – со јасни, следливи и фер процедури“, порача Андоновски, додавајќи дека обврска на системот е да му служи на граѓанинот брзо, разбирливо и еднакво за сите.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено, принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард на функционирање на државата, преку конкретни и мерливи резултати.