На Форумот за критична инфраструктура, дизајн и инженерство на податочни центри, што денеска се одржа во Скопје, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски имаше свое обраќање, при што истакна дека податочните центри не се збир на сервери и технологија, туку тие создаваат цел економски синџир - за инженери, проектанти, градежни компании, енергетски и телекомуникациски оператори, системска интеграција, безбедност и одржување.
,,Додека другите држави привлекуваат милијарди во оваа индустрија, и кај нас дебатата мора да се води со факти и конкретни проекти, а не со дезинформации, шпекулации и стравови без основа. Не смееме поради лажни информации однапред да се откажуваме од инвестиции што можат да донесат нов капитал, нова инфраструктура и нови можности за нашата економија. Македонија работи во две насоки: национален податочен центар за сигурна државна инфраструктура и приватни инвестиции во податочни центри што ќе донесат капитал, знаење и нови можности за македонските компании“, истакна министерот Андоновски.
Според министерот, особено е важно што овие инвестиции може да создадат силен домашен економски ефект.
,,Нашата цел е што поголем дел од проектирањето, изградбата, опремувањето, интеграцијата и одржувањето да го преземат домашни компании, а со тоа да се создадат нови референци, ново знаење и можности македонските фирми подоцна да настапуваат и на странски пазари. Податочните центри може да станат дел од пошироката диверзификација на македонската економија кон индустрии со повисока додадена вредност – со повеќе знаење, повеќе технологија и повеќе можности за домашниот бизнис“, посочи Андоновски.