Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Варџиски од Самитот за дигитализација на Западен Балкан 2026: Дигиталната трансформација мора да носи конкретни резултати за граѓаните и компаниите

Варџиски од Самитот за дигитализација на Западен Балкан 2026: Дигиталната трансформација мора да носи конкретни резултати за граѓаните и компаниите

На Самитот за дигитализација на Западен Балкан 2026, кој се одржа во Херцег Нови, Црна Гора, заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасиевиќ Варџиски учествуваше на министерскиот панел заедно со претставници на земјите од регионот, каде што се разговараше за напредокот, предизвиците и идните приоритети во дигиталната трансформација.

 

Во своето обраќање заменик министерот Варџиски ги претстави резултатите и стратешките проекти на Македонија во оваа област.

 

,,За само две години, бројот на електронски услуги го зголемивме речеси тројно, додека месечното користење на е-услугите е зголемено и до десет пати повеќе. Продолжуваме со лансирање на мобилната апликација м.Услуги, проширување на мрежата Центри за услуги, унапредување на интероперабилноста, дигитализација на администрацијата и изградба на современа и безбедна дигитална инфраструктура, вклучително и подготовка за изградба на Национален дата-центар“, посочи заменик министерот.

 

Тој посебно се осврна на обезбедувањето обуки за граѓаните и администрацијата, сајбер безбедноста, како и на развојот на вештачката интелигенција, проектот „Везилка“, поврзувањето со европската AI инфраструктура, улогата на двата Европски дигитални иновациски хабови во овој еко систем и можностите за регионална соработка во науката, иновациите и бизнисот.

 

,,Нашата амбиција е Македонија да не биде само корисник на новите технологии, туку активен учесник во нивниот развој. Успехот на дигиталната трансформација не се мери само со стратегии и проекти, туку со времето што го заштедуваат граѓаните, можностите што ги добиваат компаниите и довербата што ја градиме во институциите. Токму затоа, продолжуваме со конкретни инвестиции, реформи и партнерства што ќе ја направат Македонија дигитално поразвиена, поконкурентна и поблиска до европскиот дигитален простор“, истакна Варџиски.

 

Мени за пристапност