Андоновски: За 20% зголемен бројот на трансакции на Националната платформа за интероперабилност

Андоновски: За 20% зголемен бројот на трансакции на Националната платформа за интероперабилност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски беше гостин во програмата на Македонско радио – Радио Скопје. Меѓу другото тој зборуваше и за платформата за интероперабилност, која што како што рече, бележи зголемување на извршени трансакции.

 

“Во првите месеци од 2025 година, бројот на трансакции на Националната платформа за интероперабилност е зголемен до 20% во март, споредено со просекот на трансакции од минатата  година. Во 2024 година се направени 8,5 милиони трансакции на Националната платформа, на која се поврзани повеќе од 50 институции и десетина приватни компании. Во месец март оваа година, бројката достигна скоро 900 илјади трансакции, што е за 20% повеќе од просекот за 2024 година. Во јануари и февруари исто така е зголемен бројот на трансакции за околу 10%,” рече Андоновски.

 

Важноста на платформата за интероперабилност се гледа во фактот што таа овозможува меѓусебно поврзување и размена на податоци помеѓу државните органи, институциите и бизнис компаниите. Податоците и документите помеѓу институциите се споделуваат на стандардизиран, безбеден и унифициран начин.

 

“Непречениот проток на информации преку платформата за интероперабилност го намалува времето потребно за пренос на информациите помеѓу институциите, со што се олеснува протокот на електронски информации кои се потребни за обезбедување на јавни услуги прилагодени на потребите на граѓаните и бизнисите. Ваквата размена на податоци ја зголемува ефикасноста при работењето и го зголемува задоволството од услугите кои им се нудат,” додаде Андоновски.

 

Министерот за дигитална трансформација напомена и дека најактивни институции на платформата се Царинската управа, Народната банка, Министерството за внатрешни работи, а кон трансакциите на платформата особено придонесуваат и услугите од Националниот портал за електронски услуги - uslugi.gov.mk. Исто така, во поактивните субјекти изминатиот период се и Министерство за социјална политика, демографија и млади, Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенција за вработување.

 

Значајно е да се напомене, дека искористувањето на податоците од Националната платформа за интероперабилност, кога тоа им е дозволено со закон, е бесплатно и за приватниот сектор.

Мени за пристапност