Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH, а во рамките на проектот EU4Digital, кофинансиран од Европската Унија и Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ), организираше Национален информативен ден „Дигитална трансформација и можности во програмата ,Дигитална Европа“. Настанот имаше за цел да ги претстави можностите што ги нуди Програмата „Дигитална Европа“ (Digital Europe Programme – DEP) и да го поттикне учеството на македонските институции, академската и истражувачката заедница, приватниот сектор и граѓанските организации во европските дигитални иницијативи.
Настанот го отворија заменик министерот за дигитална трансформација, Радослав Настасјевиќ Варџиски, амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, и директорот на GIZ за Северна Македонија и Косово, Маркус Делфс.
Во своето обраќање, заменик министерот Радослав Настасјевиќ Варџиски истакна дека дигиталната трансформација е еден од стратешките приоритети на Владата и Министерството за дигитална трансформација и дека Северна Македонија во изминатиот период постави цврсти темели за изградба на современа, ефикасна и инклузивна дигитална држава.
„Програмата „Дигитална Европа“ совршено се надоврзува на нашите приоритети. Таа не претставува само финансиски инструмент, туку реална платформа за соработка, размена на знаење и интеграција во европските дигитални екосистеми. Со неа добиваме пристап до најсовремени технологии, знаење и финансиски можности, истовремено овозможувајќи интегрирање во европскиот дигитален простор и усогласување на нашите политики со европските стандарди“, истакна заменик министерот.
Во своите обраќања, амбасадорката Дрекслер и директорот на GIZ, Делфс, ја нагласија важноста на дигиталната трансформација како двигател на економскиот развој, иновациите и европската интеграција, истакнувајќи дека Програмата „Дигитална Европа“ претставува клучен инструмент за зајакнување на дигиталните капацитети, развојот на партнерства и поврзувањето на Северна Македонија со европските мрежи за знаење, иновации и нови технологии. Тие ја потврдија и континуираната поддршка
на Германија, Европската Унија и GIZ за унапредување на дигиталната трансформација и интеграцијата на земјата во Европскиот дигитален единствен пазар.
Во рамките на настанот, Националната контакт точка за Програмата „Дигитална Европа“ ги претстави можностите што Програмата ги нуди за македонските организации, како и досегашните резултати од учеството на Северна Македонија.
Посебен фокус беше ставен на тематските области од Повикот 10, за кој рокот за поднесување на проектни апликации е 1 октомври 2026 година. Maria Roca Puigserver, проектен советник од FuningBox, Шпанија, ги презентираше актуелните можности за финансирање, условите за учество и практичните насоки за подготовка на конкурентни проектни предлози.
Во продолжение беа презентирани успешните примери MK SafeNet и GovTech4All, кои ги прикажаа придобивките од учеството во европски проекти и нивното влијание врз развојот на дигиталните услуги и иновациите. Панел-дискусијата со претставници на Везилка AI Antenna, InnoFEIT EDIH и DigitMak EDIH беше посветена на улогата на Европските дигитални иновациски хабови, националните структури за поддршка и регионалната соработка во поттикнувањето на дигиталната трансформација и подготовката на успешни проектни апликации.
Националниот информативен ден претставува дел од континуираните активности на Министерството за дигитална трансформација за зголемување на учеството на нашата држава во Програмата „Дигитална Европа“ и за поттикнување на домашните институции, академската заедница, приватниот сектор и граѓанските организации активно да ги искористат можностите што ги нуди оваа програма за развој на дигиталните капацитети, иновациите и европската соработка.