Андоновски: Преку дигитализацијата го забрзуваме и олеснуваме процесот за студентите

Андоновски: Преку дигитализацијата го забрзуваме и олеснуваме процесот за студентите

Министерството за дигитална трансформација во соработка со Државниот завод за статистика денеска официјално ја претстави најновата електронска услуга достапна на Националниот портал за е-услуги „образецот ВОИ20 за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи“.

 

На денешната прес-конференцијата, министерот Стефан Андоновски изјави дека оваа услуга претставува значаен чекор во насока на дигитализација на јавните услуги, со фокус на младите и студентите како клучни корисници на услугата.

 

„Оваа услуга е наменета за сите студенти и високообразовни институции со цел да се поедностави, забрза и дигитализира процесот на поднесување и обработка на податоците. Наместо долгите процедури и хартиените документи, сега образецот може целосно да се пополни и испрати онлајн – брзо, ефикасно и без административни бариери“, изјави министерот.

 

Андоновски потенцираше дека со новата дигитална алатка студентите и универзитетите заштедуваат време и трошоци, како и тоа дека Државниот завод за статистика добива точни и навремени податоци, се зголемува административната ефикасност, а се намалува можноста за грешки.

 

Министерот најави дека во координација со ДЗС, во наредниот период се планира целата група на услуги поврзани со студирањето да бидат интегрирани и исклучиво достапни преку Националниот портал за е-услуги – https://uslugi.gov.mk.

 

„Со ДЗС размислуваме и за целата група на услуги кои се однесуваат на студирањето да бидат исклучиво достапни на Националниот портал. Ги повикуваме сите високообразовни установи и студенти да ја користат новата услуга на www.uslugi.gov.mk. Нашата цел е да создадеме систем каде административните обврски нема да бидат товар, туку поддршка за образованието и развојот.,“ истакна министерот.

 

Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Владата за целосна дигитализација на јавните услуги, со што се овозможува побрз, потранспарентен и подостапен јавен сектор за сите граѓани.

 

 

 

Мени за пристапност