"Дигитализацијата е една од најефикасните алатки за спречување на корупцијата и зајакнување на транспарентноста. Современата администрација мора да ја гледа како фундаментален механизам за интегритет, а не само техничко подобрување", истакнa Заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски на Регионалниот форум: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан, на панелот "Паметно управување: користење дигитални алатки и вештачка интелигенција во борбата против корупцијата“.
Тој потенцираше дека институциите кои се спротивставуваат на дигитализацијата покренуваат легитимна загриженост за нивната подготвеност да ја намалат дискреционата моќ и да ги изложат своите процеси на јавен надзор.
Дополнително Варџиски информираше дека со новиот Закон за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор кој е во фаза на изработка и е поставен на ЕНЕР, ќе се овозможи современ и јасно дефиниран начин на искористување на отворените податоци од јавниот сектор, за граѓаните, институциите, истражувачките организации, новинарите, приватниот сектор и сите други чинители. Со тоа се обезбедуваат услови за поголема транспарентност и додатна можност за иновации.
"Со зголемен број на целосно дигитални услуги за граѓаните и електронски документ менаџмент систем (еДМС) за институциите, се намалува човечкиот фактор, нема веќе чекање во редови, нема веќе предмети во фиоки - има зголемена продуктивност, ефикасност, и следливост на работата. Преку платформата за интероперабилност обезбедуваме инфраструктура за безбедна и брза размена на податоци, клучен фактор за борбата против корупција во насока на превенција, детекција и дигитален доказ", додаде тој.
На панелот учествуваа и Yll Buleshkaj – директор на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово, Serhii Hupiak – заменик-раководител на Националната агенција за спречување на корупцијата на Украина, Marie Mallard – висок експерт за усогласеност и регулаторни прашања во Француската антикорупциска агенција, Robert Scot Heaslet – виш резидентен директор на Националниот демократски институт (NDI) и Благоја Пандовски – претседател на Transparency International во државата.