Заменик министерот Радослав Настасијевиќ Варџиски се обрати на Универзитетот на Југоисточна Европа и го отвори Хакатонот „MKSafeNet Innovators 2025“, кој се одвиваше паралелно во Скопје, Битола и Тетово, и имаше за цел да стимулира иновации во дигиталната безбедност, борбата против дезинформации и промоцијата на здрави онлајн навики.
Министерството за дигитална трансформација, како носител на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, го поддржа овој хакатон, при што студентите имаа можност да ги преточат своите идеи во конкретни решенија, да работат во тимови и да учат од експерти и ментори.
Во своето обраќање, заменик министерот посочи дека во време кога дигиталниот свет носи бројни можности, но и ризици, иновациите и креативноста на младите се од клучно значење за создавање безбеден, сигурен и инклузивен интернет.
Тој нагласи дека учеството на хакатонот може да резултира со развој на алатки кои ќе придонесат кон побезбеден интернет за сите, а секоја идеја може да биде почеток на значајна промена за целата заедница.