Во склоп на јубилејната 20-та изложба и конференција "Smart eGovernment" која се одржа во Белград, Србија во организација на АСИТ, заменик министерот Радослав Настасијевиќ Варџиски учествуваше на еден од панелите "Технолошка еволуција на јавната администрација, нови правци, решенија и практики во регионот", заедно со претставници од повеќе држави, каде ги претстави, политиките, проектите и иницијативите кои ги спроведува Министерството за дигитална трансформација.
"Ме радува фактот што Македонија беше препознаена како држава која направила крупни и многу значајни чекори во делот на дигитализација за неполни 2 години", истакна Варџиски на настанот.
Во излагањето тој ги сподели нашите активности во делот на подобри и попристапни е-услуги за граѓаните, развој на мобилна апликација и дигитален паричник, подобрување на интероперабилноста на институциите, развој на дигитална инфраструктура, усогласување на законодавството со ЕУ, сајбер безбедноста, поддршката за компаниите преку Европскиот иновациски дигитален хаб, поддршката за студентите со ваучери за електронски уреди, како и за проектот за вештачка интелигенција од национално значење ВЕЗИЛКА: Национална ВИ Фабрика Антена на Македонија.
Тој се осврна на важноста на човечкиот капитал во процесот на дигитална трансформација, како и на важноста од развивање одржлива дигитализација која ќе го подобри квалитетот на животот на секој граѓанин, без разлика дали има високо ниво на дигитална писменост или не.
На настанот беа презентирани различни технолошки продукти и достигнувања од регионални и глобални компании. Присутните имаа можност да разменат искуства и добри практики, со посебен фокус на дигиталното управување, електронскиот идентитет (eID) и сајбер-безбедноста на државните органи и јавната администрација.