Сајбер-безбедноста повеќе не е само ИТ прашање, туку е прашање на економска сигурност, доверба и национална отпорност, истакна заменик министерот за дигитална трансформација на настанот „From Cyber Risk to Business Resilience“, во рамки на вториот OSAC Macedonia Event.
Во своето обраќање, заменик министерот посочи дека дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција носат значајни можности, но и нови и пософистицирани ризици, поради што дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста мора да се развиваат паралелно.
„Во Министерството за дигитална трансформација, сајбер-безбедноста е еден од клучните столбови на националната дигитална агенда. Работиме на зајакнување на институционалните капацитети, подобра координација и навремено управување со сајбер-инциденти, како и на развој на посилна сајбер-култура“, истакна заменик министерот.
Тој нагласи дека технологијата сама по себе не е доволна, туку дека подготвеноста, човечкиот фактор и соработката се клучни за градење отпорни институции и компании и за обезбедување доверба во дигиталните услуги.
На настанот, заменик министерот упати благодарност до Амбасадата на САД, Американската стопанска комора – AmCham и Македонски Телеком за соработката и поддршката, како и до сите учесници и експерти кои придонесоа кон дискусијата.