На отворањето на меѓународната МБТ конференција во Скопје, Заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски истакна дека во услови на забрзана дигитализација, сигурната комуникациска инфраструктура претставува основа за развојот на модерните економии, демократските институции и отпорните општества.
Во своето обраќање тој нагласи дека поврзаноста, радиодифузијата, сајбер безбедноста и дигиталните услуги се меѓусебно поврзани сегменти кои обезбедуваат сигурен пристап до информации, ефикасна комуникација и поголема отпорност во кризни ситуации.
Заменик министерот посочи дека во изминатиот период се преземени значајни чекори за зајакнување на дигиталниот екосистем преку унапредување на дигиталните јавни услуги, подобрување на интероперабилноста и поврзаноста, како и усогласување со европските политики и регулативи во областа на дигитализацијата, сајбер безбедноста и електронските комуникации.
Тој истакна дека новите технологии носат значајни можности за иновации и ефикасност, но нивната успешна примена бара визија, соработка и политики што ги поттикнуваат иновациите и ги штитат интересите на граѓаните.
„Дигиталните технологии мора да бидат во служба на граѓаните, економскиот развој и одржливата иднина на државата“, порача заменик министерот.