Заменик-министерот за дигитална трансформација - Радослав Настасијевиќ Варџиски се обрати на Македонско-грчкиот бизнис форум „Градење дигитален мост и ИКТ бизнис соработка“, посветен на унапредување на економската и технолошката соработка меѓу двете земји.
Тој истакна дека форумот претставува важен чекор во зајакнувањето на економско-технолошкото партнерство меѓу двете земји и ја потврдува заедничката определба за развој на дигитална трансформација, иновациите и претприемништво како едни од клучните двигатели на економскиот раст.
Заменик-министерот истакна дека преку зајакнување на дигиталната поврзаност меѓу двете земји се отвораат нови можности за компаниите да соработуваат, да се развиваат и да иновираат заедно, се создаваат услови за побрз дигитален развој и поголема конкурентност на регионот во целина.
„Дигиталната трансформација останува наш национален стратешки приоритет со фокус на модернизација на јавните услуги, интероперабилност, сајбер безбедност и зајакната дигиталната инфраструктура.
Во овие процеси важна улога има и вклученоста на приватниот сектор, стимулирањето на иновациите и меѓународната соработка “, посочи заменик-министерот.
"Технолошкиот сектор отсекогаш бил една од најдинамичните и најперспективни индустрии. Тој има способност да поврзува луѓе, да поврзува пазари и да трансформира идеи во реална економска вредност." додаде тој.