Варџиски: Со ново законско решение веб-страниците и мобилни апликации на јавните институции стануваат попристапни за лицата со попреченост

Варџиски: Со ново законско решение веб-страниците и мобилни апликации на јавните институции стануваат попристапни за лицата со попреченост

На 12 септември 2025 година во Собранието беше донесен предлог Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор, на предлог на Министерството за дигитална трансформација.

Со овој закон се создава правна рамка со која на лицата со попреченост и на старите лица ќе им се овозможи полесен пристап до информациите и услугите кои ги нудат институциите од јавниот сектор на нивните веб-страници и мобилни апликации.

Заменикот министер за дигитална трансформација, Радослав Н. Варџиски ја потенцираше важноста на законот во насока на остварување на правата на сите граѓани подеднакво, со што директно се придонесува кон поголема дигитална пристапност за граѓаните и по инклузивно дигитално општество во државата.

“Активно работиме на усогласување на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија во делот на дигитализацијата. Во таа насока особено важен аспект е остварување на правата на лицата со попреченост и нивна инклузија во сите општествени сфери, вклучувајќи ја тука и дигиталната трансформација. Со овој предлог закон ја поставуваме основата за еднаков пристап на сите граѓани до услуги и информации кои ги нудат институциите од јавниот сектор на своите мобилни и веб апликации, особено за лицата со попреченост, и старите лица. истакна Варџиски.

Предлогот на законот е имплементација на Директивата (ЕУ) 2016/2102 на Европскиот парламент и на Советот од 26 октомври 2016 година за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на органите од јавниот сектор, во националното законодавство. 

Во законот дефинираме јасни обврски и услови за институциите од јавниот сектор кои треба да ги исполнат за да обезбедат пристапност до нивните веб-страници и мобилни апликации. Воспоставуваме механизми за редовен мониторинг и известување за усогласеноста на веб-страниците и апликациите со барањата за пристапност и промовираме принципи на универзален дизајн. Оваа решение директно влијае на подигање на свеста за важноста на пристапноста и развој на знаењето кај институциите за тоа како да ги применуваат принципите и стандардите на пристапност за електронските услуги и информации.” информираше тој.

“За да обезбедат пристапност на веб-страниците и мобилните апликации, институциите од јавниот сектор ќе бидат должни да исполнат повеќе услови помеѓу кои: Содржината на веб-страниците и мобилните апликации да може да се согледа и разбере преку најмалку две различни сетила, не зависејќи исклучиво од едно сетило; Сите интерактивни елементи да се употребливи без разлика на начинот на користење, вклучително и со тастатура, гласовна контрола или асистивни уреди; Функцијата и значењето на интерактивните елементи да биде јасна, предвидлива и доследна; Целата содржина на веб-страниците и мобилните апликации да е технички издржана и веродостојно интерпретирана од различни кориснички програми, вклучително и асистивни технологии, така што истата е восприемлива, оперативна, разбирлива и робусна. Се предвидуваат пристапни алтернативи, изјава за пристапност и други елементи во насока на соодветно уредување на оваа област.” додаде Варџиски.

Законот ќе отпочне да се применува од 1 јули 2026 година, а истиот предвидува и прекршочни одредби. Надзор над примената на овој закон од страна на институциите кои се опфатени ќе врши Министерството за дигитална трансформација.

Мени за пристапност