Министерот за дигитална трансформација оствари работна средба со претставници на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги (УВМК).
На средбата се разговараше за низа актуелни прашања, вклучително и статусот на колективниот договор и предизвиците со кои се соочуваат вработените во УВМК во нивното секојдневно работење. Посебен акцент беше ставен на условите за работа, како и на потребата од натамошно подобрување на системските и организациските аспекти на институцијата.
Соговорниците се согласија дека задоволството на граѓаните и обезбедувањето навремени, квалитетни и достапни услуги треба да останат приоритет и за раководството и за сите вработени во УВМК. Истакната беше важноста да не се генерализираат индивидуалните исклучоци во постапувањето, кои не треба да ја засенат посветеноста и професионалноста на мнозинството вработени, кои одговорно и совесно ги извршуваат своите обврски.
Во разговорот беше потврдено дека во Управата за водење на матични книги има поединци кои се предмет на кривични постапки, но и дека постои голем број професионални кадри кои чесно и одговорно ја извршуваат својата работа.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи активно да ја следи состојбата и да соработува со сите засегнати страни со цел унапредување на условите за работа и квалитетот на јавните услуги кои ги обезбедува УВМК.