Министерството за дигитална трансформација и Британскиот совет денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува стратешка рамка за повторно активирање на проектот "Училишта на 21виот век". Тоа подразбира заеднички активности насочени кон унапредување на дигиталната трансформација, развој на дигиталните вештини и модернизација на македонскиот образовен систем.
Проектот опфаќа подготовка на материјали за учење, работа на учениците со микро процесори, реални проекти во училиштата, сајбер безбедност и основи на вештачката интелигенција.
Ова партнерство претставува значаен чекор кон продолжување и проширување на успешната програма „Училишта на 21 век“, која во изминатиот период овозможи илјадници ученици и наставници да развијат вештини за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми преку практична примена на дигитални алатки, вклучително и micro:bit технологијата.
Во рамки на новата фаза на програмата, се предвидува дополнително зајакнување на капацитетите на наставниците во областите на критичко мислење, решавање проблеми, кодирање, сајбер безбедност и основи на вештачка интелигенција, како и проширување на поддршката кон помалите возрасни групи ученици и поттикнување на иновативни училишни проекти.
Посебно значајно е што оваа иницијатива ќе се реализира во партнерство со Македонски Телеком, како долгогодишен поддржувач на дигиталното образование и технолошките иновации. Во следната фаза се предвидува склучување на трипартитен Оперативен договор за имплементација на проектот „Училишта на 21 век“ - Фаза II, помеѓу Министерството за дигитална трансформација, Британскиот совет и Македонски Телеком.
Меморандумот го потпишаа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и Клер Сирс, директорка за Западен Балкан и копотписник на Меморандумот. На настанот присуствуваа и Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република С. Македонија, Стела Дурутовиќ, менаџер за образовни проекти за Западен Балкан, како и Бела Треневска Шотаровска, менаџер за комуникации во Британската амбасада.